Краткиот анимиран филм „Една“ на Вук Митевски премиерно ќе биде прикажан на 59. Интернационален филмски фестивал во Краков, во главната конкуренција за кратки и анимирани филмови. Ќе се прикажува на 28 и 30 мај и ќе биде во трка за наградата „Сребрен змеј“ за најдобар анимиран филм, со уште девет анимации од цел свет.

– „Една“ е 11-минутна анимација која беше инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија како транзитна земја ја проследи реката човечки судбини. Во суштина „Една“ е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин.

Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му беа потребни скоро три години за да ја изработи оваа магична анимација, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

Филмот е копродукција со Белгија и поддржан од Агецијата за филм. Сценариото е на Теона Стругар-Митевска. По претходниот успех со повеќекратно наградуваната анимација „Алерик“, ова е четврти анимиран филм на Вук Митевски.

Интернационалниот филмски фестивал во Краков се вбројува во најдобрите десет фестивали во светот посветени на анимираните филмови и е меѓу ретките фестивали кои водат до директна номинација за наградата Оскар во категоријата на кратка анимација.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2019 13:58