„Ролан Гарос“ рано заврши за две од фаворитките – Каролин Возњацки (Данска) и Јулија Гергес (Германија)

Возњацки беше поразена со 6:0, 3:6, 3:6 од Вероника Кудерметова (Русија) по 2 часа и 6 минути игра.

Почетокот на натпреварот не навестуваше таков епилог, бидејќи поранешната бр.1 во светот го освои првиот сет на нула за 34 минути игра. Сепак, Кудерметова освои 4 последователни гема на почетокот од вториот сет, а Возњацки почна да се соочува со проблеми со левата нога. Покрај тоа, на 13-тата во светот имаше проблеми и со очите.

Во третиот сет ситуацијата беше повторена – Кудерметова брзо поведе со 3:0 и на крајот тоа беше доволно за конечниот успех.

Гергес го напушти турнирот по пораз од 5:7, 1:6 од естонската тенисерка Каја Канепи. Германката водеше со 4:1 во првиот сет, но дозволи пресврт што ја разниша нејзината игра и до крајот на натпреварот таа не успеа да се опорави.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2019 18:10