Со пантомима, класична музика и огномет, љубителите на театарот во Кочани синоќа го проследија отворањето на 56. издание на Драмскиот аматерски фестивал.
Единствениот фестивал на аматеризмот во нашава држава годинава одбележува 60 години постоење.
– На Драмскиот аматерски фестивал во Кочани поминале над осум илјади учесници. На оваа сцена биле врвни режисери, актери, театролози, театарски критичари, меѓу кои и доајените на македонскиот театар. Благодарејќи на ДАФ, Кочани изнедри голем број професионални актери и режисери. Доаѓаат и нови што е само дел од потврдата дека во Кочани има амбиент за возобновување на професионалниот театар, нагласи во обраќањето градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Фестивалот го отвори националниот советник за култура во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Алаѓозовски.
– Театарот и културата постојат заради вас, граѓаните, тоа што дојдовте во толку голем број покажува дека вие сакате театар, вие сакате култура и тоа е за нас императив. Нашата поддршка и преку Министерството за култура за самиот Фестивал на драмскиот аматеризам ќе продолжи затоа што аматеризмот е основата, јадрото на развој на врвните актери професионалци, истакна Алаѓозовски.
Во шесте децении Фестивалот се трансформирал следејќи го текот и развојот на аматерската, а подоцна и на алтернативната сцена кај нас. Во 1992 година Драмските смотри станаа ФААТ – Фестивал на аматерски и алтернативни театри, а 19-та година е под името Драмски аматерски фестивал.
ДАФ ќе трае до сабота, 1 јуни, кога ќе бидат доделени наградите за најдобрите учесници.