Светската тенисерка број 1 и шампионка од „Ју Ес Опен“ и „Австралија Опен“, Наоми Осака направи чуден пресврт во првиот круг на „Ролан Гарос“, откако го загуби првиот сет против Ана Каролина Шмиедлова со 0:6, но потоа победи со 7:6 (4), 6:1 и се пласираше во вториот круг по 120 минути игра на централниот терен „Филип Шатрие“.
Осака се обидува да стане првата тенисерка по Серена Вилијамс, која ги држи истовремено Гренд-слем титулите од Њујорк, Мелбурн и Париз – големата Американка го направи тоа во 2015 година. Јапонката сепак никогаш не го поминала третиот круг на „Ролан Гарос“ и во првиот сет против Шмиедлова воопшто не личеше на топ тенисерка.
Сепак, таа продолжи со агресивно однесување на теренот и ја подобри играта, а словачката тенисерка не можеше да одржи високо ниво на игра повеќе од еден час. Осака го заврши натпреварот со 36 винери и 38 неизнудени грешки, а соодносот на овие индикатори на Шмиедлова беше 9-13.
Следната противничка на Осака во „Ролан Гарос“ ќе биде Викторија Азаренка, која претходно во текот на денот ја елиминира шампионката од 2017 година Алена Остапенко со 6:4, 7:6 (4).