Охридска банка Сосиете Женерал објави конкурс за млади сликари, преку кој ќе се изберат учесници на ликовната колонија Вевчански видувања, што ќе се одржи во Вевчани од 22 јуни до 6 јули годинава.

Пријавувањето на конкурсот ќе се врши по електронски пат и ќе трае до 9 јуни 2019 година со пополнување на формуларот за апликација на веб страницата на Клубот на таленти www.obsgklubnatalenti.mk. Во рамки на апликацијата за учество, сите заинтересирани потребно е да испратат пет фотографии, од пет свои авторски дела во акрилна техника на која било тема. По завршувањето на конкурсот, од сите пријавени апликанти, Банката заедно со стручно жири ќе одбере максимум финалисти, кои ќе бидат објавени на веб страницата www.obsgklubnatalenti.mk на 13 јуни.

Финалистите што ќе бидат избрани ќе учествуваат на ликовната колонија Вевчански видувања, каде што ќе престојуваат пет дена. Ќе бидат поделени во две групи, првата од 23 до 27 јуни, а втората од 28 јуни до 2 јули годинава.

Од банката соопштија дека ја преземаат целокупната организација околу учеството на финалистите од конкурсот на колонијата и ги покриваат нивните трошоци за храна, сместување и за материјалите за работа. Финалистите учесници на Вевчанската колонија ќе сликаат дела на слободна тема, по сопствен избор, во техниката акрил. По завршувањето на ликовната колонија, Банката ќе организира хуманитарен настан на кој наслик аните уметнички дела ќе бидат понудени на јавна аукција, а средствата собрани од аукцијата ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Победникот на конкурсот ќе биде јавно прогласен на денот на аукцијата и од Банката ќе биде награден со 60.000 денари и ќе биде прогласен за член на Клубот на таленти на Охридска банка Сосиете Женерал.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2019 19:05