Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”- Битола ја продолжи соработката со библиотекари од Универзитетската библиотека на Стенден Универзитетот (NHL Stenden University of Applied Sciences) од Леуварден (Leeuwarden) од Холандија, воспоставена минатата година.
Според директорот на битолската библиотека Бојан Стефановски, соработката со библиотекарите од Холандија овозможува создавање услови за отворени образовни ресурси, обуки за студенти и усовршување на стручниот кадар.
– Нашите гости раководителот Роналд Вијња, Маргриет ван дер Гиесен и Симон Лендерс посетија повеќе оддели во Библиотеката, се водеа разговори за стручната работа, а посебен акцент беше ставен на одделите за стручна обработка на монографски публикации и одделот библиографии, каде ја претставивме програмата COBISS за обработка на библиотечен фонд, истакна Стефановски.
Соработката на НУ УБ „Св. Климент Охридски“-Битола и Универзитетска библиотека од Леуварден-Холандија е поддржана од македонското Министерство за култура.