Македонскиот народен театар почна да ја подготовува претставата „Бесачи“ по текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев од Бугарија. Премиерата се очекува кон средината на септември.

Во актерската екипа се: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.

МНТ соопшти дека ова им е прва соработка со Грдев кој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и е добитник на повеќе од 45 награди. Текстот „Бесачи“ првпат ќе биде поставен пред македонската публика.

Режисерот Грдев појаснува дека основната причина за поставување на овој текст на сцената на МНТ е што театарот располага со актерски ансамбл кој, како што вели, е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имал предвид оваа пиеса и трагал по соодветно место и ансамбл каде што ќе ги има сите можности за поставување на таков голем проект.

– Друга, многу важна мотивација за поставување на овој текст, е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста. Причината за тоа е што тој верува дека покрај укинувањето на смртната казна, сепак, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата, истакнува режисерот Грдев.

Авторот на текстот, Мартин Мекдона, е познат по неговите црни комедии кои се поставени во голем број театри низ светот. „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“, „Убавицата од Линејн“, а за неколку од нив е номиниран и за престижните награди „Тони“ и „Лоренс Оливие“.

-Тој не е само драматург со одлична креативна моќ, туку е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите „Six-Shooter“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“. Во светот на театарот е познат по тоа што вовел нов жанр, таканаречениот „in-your-face theatre“ (театарски правец со презентирање бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови), а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични, додава МНТ.

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2019 17:42