Прилеп ќе биде домаќин на првиот театарски фестивал за деца „Силјан Штркот“, што ќе почне во петок и ќе трае до недела. Во рамки на фестивалските денови, најмладата публика ќе има можност да проследи четири детски претстави од Велес, Скопје и Битола, додека фестивалот е на иницијатива на здружението „Мал прилепски театар“ и поддржан од прилепската локална самоупорава.

Оранизаторите на викенд театарското дружење за најмладите веруваат дека ова ќе прерасне во традиција за што доволна потврда е големата побарувачка на влезници за сите четири претстави. Според Марија Спиркоска Илиеска, Фестивалот на театар за деца е своевидна најава на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава по 54-ти пат ќе почне на 7 јуни.

– Поттикнати од идејата на МТФ „Војдан Чернодрински“, сакавме да направиме сличен фестивал, но за деца. Со овој фестивал сакаме да ги пораснеме децата во сериозни театарски критичари кои ќе знаат да препознаат квалитет. Целта ни е од најмали нозе да ја учиме публиката колку е важна културата и односот кон неа, рече актерката Спиркоска Илиеска.

Актерката Ангела Наумоска од Здружението нагласува дека една од главните причини е да се оттргнат децата од модерната технологија и да ја сакаат и почитуваат театарската уметност, да се едуцираат и да уживаат.

– Една од главните причини за нашето дејстување на овој начин е да ги оттргнеме децата од модерниот начин на живот. Животот не се случува само пред екраните на мобилните телефони, поред таблетите или компјутерите. Претставите кои ќе бидат дел од првото издание на овој фестивал се: „Црвенкапа“ од театарот од Велес, „Малиот Принц“ од театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, „Заборавените кукли“ од театарот од Битола и „Грдото пајче“ од ТДМ од Скопје. Сите овие наслови се лектири во основно образование, рече Наумоска.

Од 19 часот во петок, на сцената од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ фестивалот ќе биде отворен со претставата „Црвенкапа“ од театарот од Велес. В сабота на 1 јуни во 12 часот во киното „Мис Стон“ ќе биде изведена претставата „Малиот Принц“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, а во центарот на градот, кај Саат кулата во 20 часот ќе биде прикажана претставата „Заборавените кукли“ од театар Битола. В недела, на 2 јуни, од 19 часот во рпилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ Фестивалот ќе го затвори претставата „Грдото пајче“ од Театар за деца и младинци од Скопје.

Театарскиот фестивалот за деца „Силјан штркот“ ќе биде збогатен и со други содржини. Пред свеченото отворање во театар „Војдан Чернодрински“, ќе се одржи забава за деца со „Lotus Lounge Chair“, а специјална точка на отворањето на Фетивалот, ќе одржат учениците од трето и трето одделение од прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски – Јане” . Забава ќе има и в сабота, по завршувањето на преставата „Заборавените кукли“ со групата „Тhe Four“, а ќе се одржи и работилница: Театар на сенки. Во татарскиот фестивал со изработка на цртежи се вклучен и децата од градинките „Наша иднина“ кои за познатито лик Силјан Штркот изработија 97 цртежи. За целосниот дизајн на фестивалот се погрижи Анита Гајтаноска од „Lotus lounge chair“.

– Децата биле секогаш моја главна инспирација. Во почетокот се вклучив само како спонзор, но подоцна бев вклучена и во организацискиот дел во поглед на визуелизација и дизајн на самиот настан. Од неколку предлози го избравме постојниот, блиску до штркот и блиску до пролетта, рече Гајтаноска. Изработена е маскота со ликот на Силјан штркот. Ликовно решение кое го симболизира процесот на преобразбата на Силјан Штркот, од штрк во човек и обратно, е на Александар Џинго и на Бојана Мартиноска Трпческа.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2019 18:13