Со настап на уметници, актери и музичари, во форма на дваесетминутна радиоемисија посветена на културата, во придружната програма на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) во Кочани беше претставена книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски.

– „Радио“ ја сочинуваат повеќе од 730 страници и речиси исто толку фотографии и илустрации. Таа е сублимат на мојата новинарска работа во изминатава половина декада со избор на текстови пишувани и објавени на Радио Слободна Европа, програма на македонски јазик. Таа е мое видување на македонската култура и во неа се внесени мислите и ставовите на многу познати и значајни уметници и творци, со намера културата, која е речиси набркана од медиумите, да понуди барем ронка од она со кое треба само да се гордееме, истакна Јолевски.

Издвојувајќи фрагменти од рецензиите за книгата, актерот Игор Трпчевски нагласи дека според музикологот Марко Коловски, книгата е вистински пресек на македонската духовна култура, со која во еден здив можат да се проследат духовните вибрации од овие простори кои се разлевале низ светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/05/2019 14:53