Триесетина млади автори, членови на поетски клубови во основните училишта и општинските бибилотеки од нашата држава учествуваа на 45. Детски поетски фестивал „Мајски цвет“, чиј организатор е матичната библиотека „Искра“ од Кочани.

Во соработка со литературниот клуб „Копнеж“, тричлена жири-комисија ги разгледуваше пристигнатите пријави и одлучи гран-при наградата „Димитар Гогов“ да ја додели на поетската творба „Чудно време“ од Лина Рангелова, ученичка во ОУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка.

Втората награда ѝ припадна на Наталија Карова од ОУ „Никола Карев“ од Кочани за песната „Да се биде човек“, а третонаградена е Мартина Ефремова од ОУ „Страшо Пинџур“ од Соколарци, Општина Чешиново-Облешево, која учествуваше со песната „Убавините на природата“.

– Годинава на конкурсот за најдобра поетска творба пристигнаа 28 пријави, од кои жири-комисијата оцени дека најголемиот дел се на нивото на квалитет на фестивалот. Темата на која пишуваа учениците и оваа година беше слободна, а најмногу наслови имаше со романтична и патриотска содржина, истакна Коце Стојменов, директор на библиотеката „Искра“.

На фестивалот „Мајски цвет“ беше доделена и награда за најдобар ментор што ја доби Горица Колевска, наставничка во ОУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка. Награди за придонес во одржувањето на манифестацијата добија литературниот клуб од библиотеката „Кочо Рацин“ од Пехчево и Основното училиште „Кочо Рацин “ од Кратово.

Во рамки на Детскиот поетски фестивал беа доделени и пофалници за поетските творби на Нина Бојановска од Свети Николе, Стефанија Павловска од Кочани, Слаѓана Тошева од Лозово, Анастасија Јефтимова од Зрновци и Стефанија Јанковиќ од Пробиштип.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2019 15:52