Во рамки на проектот „Мапирање на разликите во домувањето за Роми”, финансиран од средства од Европската Унија, претставници на Здружението „Ромски Деловен Информативен Центар – ЗРДИЦМ”, од Скопје неделава почнаа со снимање на документарен филм за животот на Ромите од Велес.
Освен снимање на терен во велешката населба Рамина и други високи делови од левата страна на градот каде живеат Роми, членовите на ова здружение денеска снимаа и разговор со градоначалникот Аце Коцевски и претставници од други јавни институции во градот.
Коцевски се осврна на предизвиците со кои се соочуваат Ромите, но и начинот на нивно решавање од страна на локалната власт.
-Општина Велес работи на процесот на легализација на станбените куќи и населби во кои живеат Ромите за попристоен и подобар живот, појасни Коцевски.
Тој нагласи дека Општина Велес работи на решавање на нивните инфраструктурни прашања и сите проблеми, со кои се соочуваат членовите на оваа заедница.