Хрватската поетеса Моника Херцег е добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2019 година, што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП) под покровителство на УНЕСКО за најдобра дебитантска книга. Признанието е за нејзината прва стихозбирка „Почетни координати“ објавена минатата година.

Моника Херцег (Сисак, 1990) студира физика на универзитетот во Риека. Живее во Загреб, уредник е на загрепското списание „Поезија“, како и на неговиот книгоиздавачки оддел.

Нејзината дебитантска збирка „Почетни координати“ е високо оценета од хрватската критика и во годината на нејзиното објавување доби неколку награди. Во Хрватска Херцег ја доби наградата „Квирин“, која се доделува на поети помлади од 35 години, наградата „Фран Галовиќ“, која се доделува на најдоброто книжевно дело на тема родниот крај и/или идентитетот, како и наградата „Славиќ“ – за најдобра дебитантска прозна или поетска книга од Друштвото на хрватските писатели.

Втората книга на Моника Херцег, која е сѐ уште во ракопис, ја доби наградата „На врх језика“ за најдобра неиздадена поетска книга за 2018 година. Таа годинава би требало да биде испечатена.

Младата поетеса е избрана во 2019 година да ја претставува Хрватска во проектот „Версополис“, во кој учествува и фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Според правилата на СВП, наградената книга ќе биде објавена во тријазично издание (хрватски, македонски и англиски јазик) и ќе биде претставена за време на одржувањето на фестивалот во Струга (21-28 август), кога ќе ѝ биде врачена и наградата на авторката Херцег.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2019 16:53