Во изложбениот салон од Домот на култура во Македонска Каменица од вчера е отворена ликовна изложба на слики од Меѓународната Лесновска ликовна колонија 2018. Како што информираше директорот на каменичкиот Дом на култура, Горан Огнановски, љубителите на уметноста во наредните седум дена ќе можат да го видат творештвото на неколку уметници со главен мотив од Лесновскиот манастир.

-Тоа се ликовните уметници Ѓоко Антониев, Христина Стојчевска, Тони Чатлески, Ангел Коруновски од Македонија, Олга Панкина, Светлана Владимирова Орлова и Светлана Еланцева од Русија, Немања Јовановиќ и Јелена Тамбуриќ од Србија и Маријана Везарова од Бугарија кои престојуваа во Лесново и твореа со инспирација од Лесновскиот манастир. Меѓу творбите може да се видат пештерски цркви, пештерите од каде што се вадел прочуениот воденичарски камен, вулканскиот кратер и прекрасната природа што го опкружува амбиентот во ова поднебје, вели Огнановски.

На колонијата, како што додава, се насликани 24 платна, како и една скулптура од гипс.

Организатор и координатор на колонијата е Домот на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2019 12:45