Под врвот Сечена скала на планината Беласица денеска ќе биде отворена самостојна ликовна изложба „Ја извишила фортуната“ на Кристина Зимбакова.
На изложбата ќе бидат претставени триесетина нови дела во комбинирана техника создадени во последните две години, главно сочинети од циклусот „Срце в кафез,“ „Ја извишила фортуната“ и „Микроскопски стакленца.“ Габите и лишаите се примарно изразно средство, вткаени за цртање фигури или составување мозаик. Материјалот е собран преку лични теренски истражувања или од суви збирки, во соработка со био-научници. Применети се мноштво видови од планината Беласица во Македонија, но и ретки или ендемични видови од Аргентина, Антарктикот, суптропските предели на Австралија со Тасманија, САД, подножјето на Хималаите во Индија, Хрватска и ендемична алга од Јужна Африка. Ликовните дела се насликани на хартија од габи рачно изработена од авторката.
Грижливото користење примероци од габи и лишаи од разни делови од светот стопени во нов, уметнички контекст со фигуративен и лирско-експресивен израз има цел да ја поттикне и свеста за овие прастари, чудесни и загадочни организми.
Кристина Зимбакова (1975) во своето творештво негува интердисциплинарен пристап, каде се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најзастапен медиум. Досега имала самостојни изложби во земјава како и во Ирска, а учествувала на бројни групни изложби во странство, од кои се истакнуваат оние во Оксфордскиот театар во Англија и Музејот за уметност „Ешкенази“ во САД.
Локалитетот на изложбата е на државната гранична линија. Со теренско возило од село Смолари до врвот се патува два часа, а пеш по планинарска патека четири часа.