Со проекција и изложба на фотографии од македонските автори, синоќа во Прилеп беа отворени 57. „Денови на македонската фотографија“, во организација на „Фото-кино клубот Прилеп“ и на Фото сојузот на Македонија. Со ова викендов Прилеп е центарот на македонската современа фотографија.

Проекцијата на македонски автори на фотографијата прво беше во градската библиотека „Борка Талески“, а во фоајето од Домот на културата „Марко Цепенков“ беше отворена изложба на 122 фотографии од педесет и двајца македонски автори.

Според претседателот на Фото Сојузот на Македонија Кирил Штрков, ова е единствениот Фестивал кој прави пресек на делата на македонските фотографи. Смета дека има млади фотографи, но треба да добијат подобри услови за работа.

-Ова е 57-годишна традиција и тоа значи дека многу генерации „подметнале грб“ и дел од својата љубов ја дале за фотографијата, но и во овој долгогодишен проект, кој прераснува во специјална традиција на македонската фотографија. „Деновите на македонската фотографија“ се единствениот фестивал кој е за македонските автори, пресек е на нивната активност во целата година и тој пресек е претставен во оваа изложба. Фото сојузот на Македонија постои 73 години и е водител на таа идеја на унапредување и афирмирање на македонската фотографија. Има многу подмладок, масовност на млади автори, особено во фото клубот „Стеван Наумов-Стив“ од Битола и во Фото-кино кубот од Прилеп. Тоа е сигурна иднина на македонската фотографија. Но на младите автори им требаат услови и помош од институциите, рече Штрков.

Сашко Попоски, претседател на домаќинот, Фото-кино клубот Прилеп, вели дека има многу вљубеници во уметноста на фотографирањето.

– Целта на овие „Денови на македонската фотографија“ е развојот на македонската фотографија и унапредување на интересот на младите за да се вљубат во она што се нарекува фотографска уметност. Дел од манифестацијата е фото-сафариито што го организираме за учесниците кои може да направат посебни фотографии на повеќе локации во Прилеп и во околината што изобилуваат со природни и археолошки реткости, рече Попоски.

Поздравувајќи ја манифестацијата, прилепскиот градоначалник нагласи дека е голема чест на едно место да се видат уметничките дела на македонските фотографи.

-Несомнено во оваа група на македонски фотографи лежи иднината на оваа мошне значајна уметност. Моќта да привлече, овековечи убавини и спомени, да буди чувства и интерес ја прави доволно силна да даде значаен придонес во промоцијата и развојот на туризмот и економијата, рече Јованоски.

На манифестацијата беа доделени плакети и дипломи за најдобри поединечни и фотографии-колекции во повеќе категории. Владимир Арсовски кој преку 40 години се занимава со фотографијата и се закити со нависокото признание „мајстор на фотографијата“ смета дека македонската фотографија има свој пат кој ја задржал уметноста. Ги сака фотографиите направени во екстремни услови.

– Македонската фотографија си го живее својот живот и оди понатаму, можеби не во насоката на светските трендови, а ова го кажувам во позитивен контекст, зашто традицијата на фотографијата од екс-ју просторите и од источните земји која беше позната по врвната уметност е нишката која е задржана во Македонија. Признанието „мајстор на фотографијата“ е највисоко и е посебна чест. Милувам да снимам во поекстремни услови каде се бараат физичка подготвеност и издржливост. Најекстремните услови за снимање беа во Норвешка, над поларниот круг на над минус 30 степени и минатата година во Исланд, објаснува мајсторот на фотографијата Арсовски.

За Зоран Андонов, фотограф и новинар од Тетово преокупација и љубов е документарната фотографија.

– Со фотографија се занимавам речиси 30 години. Мојот интерес повеќе е насочен кон документарната фотографија, од темите кои ги работам и како новинар, а и како фоторепортер. На изложбата се претставив со колекција фотографии, документарни и дел се од периодот на конфликтот од 2001-та, рече Андонов.

За учесниците, најдобрите македонски фотографи, денеска е организирано „фото-сафари“ низ Прилеп и околината, до Марковите кули, до селото Штавица и на повеќе локалитети со природна и археолошка посебност, примамливи како мотив за уметничка фотографија.

Манифестација ја поддржуваат Министерството за култура и прилепската локална самоуправа.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2019 12:45