В среда, на петти јуни, прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја прикаже претставата „Семејни приказни“ од српската авторка Биљана Србљановиќ во режија на Милош Б. Андоновски.

Текстот на српската авторка првпат се игра на сцената на прилепскиот театар, а во Македонија по 20 години. Младиот режисер Милош Б. Андоновски, кому ова му е прва професионална соработка со ансамблот, вели дека иако приказната во претставата е во бурните и тешки 90-ти години, сепак е современа. Преку играта на четири деца се отсликуваат состојбите во семејството, во општеството во кое државата и политиката влијаат врз развојот на младата личност.

– Ова е претстава за детството, за 90-те години и за тоа како тие повторно се враќаат, а можеби и никогаш немале заминато. Со претставата повеќе ги преиспитуваме 90-ите години, отколку што им се навраќаме носталгично. Во тие клучни моменти на детството, државата преку родителите има многу влијание за формирањето на личноста, се истакнува оној дуалитет бунтовник наспрема послушник. Текстот е напишан во 1998 година, но темите се се уште актуелни. Преку приказните на четирите деца на возраст од 10 до 12 години кои се главни ликови во претставата, и преку нивните игри гледаме како државата и политиката, онаму каде не им е местото, се провнуваат, избиваат на површината и има сосема нови димензии од оние детското растење и развој. Дејството е на едно напуштено игралиште, а актерскиот израз е модерен, современ. Самата авторка има речено: возрасни актери играат мали деца кои повторно играат возрасни, си играат семејства и си делат улоги помеѓу себе, рече режисерот Андоновски.

Драматургот Лидија Митовска Георгиевска, признава дека има носталгија за детството од што не може да се побегне.

– Станува збор за современ, многу слоевит текст кој нуди многу можности. Времето на 90-ите знаеме колку мрачно и турболентно време беше. Ние не избегавме, ги отворивме тие теми кои го направи и самото детство сурово, но нашиот фолкус беше на таа леснотија што ја носи детството, зашто и ние го носиме во себе тоа време. Признавам малку беше носталгично, вели Митовска Георгиевска.

Актерите Јасмина Мицовска Станкоска, Катерина Чакмакоска Клинческа и Илија Волчески нагласуваат дека во соработката со режисерот имале топол процес и претставата ги нагласува проблемите во општеството преку, навидум, наивната детска игра.

– Процесот на создавањето на претставата беше многу креативен. Претставата, би рекла, е лесна, но истовремено се занимава со многу тешки прашања кои влијаат и врз возрасните, но и врз децата. Преку детската игра ги гледаме проблемите во општеството во кое живееме. Претставата има универзални теми што се актуелни и денес, како иселувањето, влијанието на политиката врз животот, односите деца родители, вели актерката Мицовска Станоска.

– Имаме да понудиме топла претстава со толку многу носталгија, љубов, копнеж кон нешто што сме поминале и длабоко во нас сѐ уште го чуваме, рече актерката Клинческа.

– Претставата е топла, но без пардон ќе ви претстави големи амплитуди, ќе ве надсмее и ќе ве натера на солзи, смета актерот Волчески.

Во претставата играат: Јасмина Мицовска Станкоска, Катерина Чакмакоска Клинческа, Илија Волчески и Димитар Црцороски. Драматург е Лидија Митоска Ѓорѓиевска, сценограф Наташа Вчкова која го дизајнираше и постерот, костимите се на Марта Дуфне, а за музиката се погрижи Томе Темелкоски.

За околу еден месец ова е втора премиера во Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ од годинашнава програма. Со првиот детски театарски фестивал „Силјан Штркот“ што се одржа изминатиот викенд, со премиерата на „Семејни приказни“ прилепската публика се подготвува да го проследи 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прикеп од 7 до 15 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2019 16:21