Познатиот ликовен уметник од Ростуше, Адем Сулејманоски, освен што со своите вредни раце создава ликовни дела во разни техники, преку земјената уметност или како што популарно се нарекува, ленд-арт, испраќа силни пораки за зачувување на природните богаства, со кои Бог го дарувал прубавиот рекански крај, како и објектите што ги оставиле во наследство вредните раце на мајсторите.
За подигање на еколошката свест тој го изработи Ленд арт „Езеро или пластика“, а со ленд-арт “Стоп за малите хидроцентрални“ испрати порака за стопирање на изградбата на малите хидроцентрали. Со ликовна интервенција врз оштетена инфраструктура ќе се обиде да го привлече вниманието да се зачува еден од, како што вели, најрепрезантивните објекти, старата болница во Ростуше.
Сулејманоски изложува во и надвор од границите на Република Северна Македонија, а исто така е познат и како голем хуманист.
Ленд арт „Езеро или пластика“ на брегот на Дебарското Езеро
Ленд артот „Езеро или платика“ e моќна уметничка порака на брегот на Дебарското Езеро кај месноста Мелнички Мост, посветен на загадувањето со пластични шишња на езерото.
Секоја година помеѓу 40 и 60 илјади пластични шишиња се слеваат во водите на Дебарското Езеро. Овој проблем секогаш е актуелен на пролет кога високите водостои на реките и потоците во Дебарско-реканскиот регион подрачјето на Жупа носат огромни количини пластичен отпад во езерскиот басен.
-Интервенцијата се наоѓа на брегот на Дебарското Езеро кај месноста Мелнички Мост во близина на селото Долно Косоврасти. Ленд артот е со димензија 8х3 метри и е изработен од камен и мешани материјали. Идејата на овој ленд арт е да укаже на потребата од регулирање на собирањето отпад и намалувањето на езерото кое иако има квалитетна вода сепак е преполно со механички отпад каде доминираат пластичните шишиња и останатиот пловечки пластичен отпад, вели Сулејманоски.
Ленд артот „Езеро или платика“ е дел од серијата ленд артови со еколошка тематика кои авторот ги работи во рамки на проектот „Лeнд арт“ и креативни акции врз оштетена инфраструктура“, кој е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија.
Ленд-арт „Стоп за малите хидроцентрални“
Ова едноставен ленд-арт од камења, е поставен на брегот на реката Радика, во близина на селото Присојница а е посветен на се почестото уништување на планинсите реки и водотеци, со изградбата на мали хидроцентрали.
-Тие исклучително негативно влијаат врз целиот жив свет, а особено врз животинскиот свет и крупните цицачи. Речната пастрмка, балканскиот рис, слатководните школки и ракови, се дел од загрозените видови, на кои им се заканува исчезнување, поради стратешката определба, по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани, дури и во заштитените национални паркови, како што тоа е и Националниот парк „Маврово“ кој е под закана од издавање концесии за изградба на мали хидроцентрали, оценува Сулејманоски.
Додава дека преку акцијата сака да го подигне гласот за проблемот со малите хидроцентрали и да алармира дека при издавањето концесии, не се внимава на заштитата на загрозените видови и воопшто на биодиверзитетот.
На овој начин Сулејманоски ја поддржува борбата на екологистите за зачувување на биодиверзитетот и за одржлива животна средина
Перформанс за заштита на старата болница во Ростуше
Последната активност на уметникот е перформанс со цел да се алармира на негрижата за културното наследство
Тој со ликовна интервенција врз оштетена инфраструктура се обидува да го привлече вниманието да се зачува еден од, како што вели, најрепрезантивните објекти, старата болница во Ростуше.
-Објектот на старата болница е изграден во далечната 1929 година како подарок од Кралот нс СХС Александар Караѓорѓевиќ за жителите на Реканскиот крај. Исти вакви објекти биле изградени во Македонски Брод, Вратница и Кратово. Старата болница во Ростуше беше последна која опстојуше и беше во функција до 1980 година, велиСулејманоски.
Иако постоеја разни напори за нејзина ревитализација и пренамена на просторот за граѓаните (во неколку наврати беа обезбедени средства за нејзина санација), додава тој, негрижата и забот на времето го сторија своето.
-Иако видно оштетен објектот останува потсетник на времето и тажна слика за ростушани. Дали објектот на болницата ќе дочека подобри времиња или ќе подлегне на забот на времето останува да видиме, нагласува Сулејманоски.
Реализацијата на акцијата, маркирањето на објектот на старата болница во Ростуше е финансиски поддржана од Фондацијата отворено општество Македонија.
Старата болница се наоѓа на влезот во селото, на левата страна од патот. Во неа со децении жителите од реканското подрачје добивале потребна здравствена услуга, а во одреден период, поради подобрата опременост и стручниот кадар со кој располагала, за услуга се јавувале и жител од поширокиот регион.
Сулејманоски хуманист–уметник со многу изложби
Иако не сака да зборува за тоа сепак не може да се одбегне, а да не се каже збор два и за неговата хуманост.
Последна од низата хумантарни активности е изложбата на која беа поставени 30 фотографии, шест слики и три мозаици, кои можеа да се купат, а прибраните средства беа донирани за лекување.
-Тоа е најмалку што можам да направам, како човек, за да се спаси нечиј живот. Хуманоста што ја имам наследено од родителите не ми дава да останам рамнодушен и помагам секаде каде што е потребна помош што јас можам да ја дадам,- вели скромно Сулејманоски, кој додава дека доколку би имал можност сето тоа би го правел анонимно.
Освен ликовни дела што ги создава, изложува и слики и фотографии со мотиви од културното наследство на општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
-На истите се трудам да претставам културно-историски споменици со кои изобилува овој крај, а кои се од непроценливо значење, народни носии, објекти од стара градска архитектура и слично. Има фотографија и од познатиот Еленски скок, а и фотографија на малиот тунел на патот Дебар – Маврово, кој повеќе не постои. Споменатиот тунел, што се наоѓаше во близина на селото Јанче, според записите бил најмалиот тунел во Европа, од пожарот во Бигорскиот манастир…, изјави Сулејманоски.
Педесет и седумгодишниот Сулејманоски е роден и живее во Ростуше, каде моментно е директор на Основното општинско училиште „Ѓорѓи Пулески“. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје каде завршил и постдипломски студии, а на студиски престој во 1992 година бил во Равена, Италија. Учествувал на многу групни изложби во повеќе градови низ земјава, каде имал и самостојни изложби. Самостојно изложувал во Сион, Швајцарија, Ниш и Нови Сад, Србија и Пешкопеја, Албанија.
Вера Тодоровска