Во издание на ПНВ Публикации од Скопје од печат излезе најновата поетска книга од Славе Ѓорѓо Димоски со наслов „Јазик и леб“. Книгата се појави во знак на шеесет години живот и четириесет години од излегувањето на неговата прва книга „Гравири“ и во неа се поместени шеесет песни.
Новите песни на Димоски опфаќаат и некои актуелни теми со кои е опфатено нашето општество па оттаму и индикативниот наслов „Јазик и леб“. Поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски спаѓа меѓу најпрепознатливите достоинства на современата македонска литература. Читана е, анализирана, толкувана, наградувана, застапувана во најстрогите антологии на македонската поезија, преведувана на други јазици. Појавувањето на секоја нова книга од овој исклучителен поет редовно претставува вистински настан, забележлив датум во нашето културно живеење. Од посебно значење е што овој најнов ракопис на Славе Ѓорѓо Димоски, правејќи чекор потаму од позицијата на која досега беше ситуирана неговата поезија, истовремено транспарентно се врти кон читателот со атрибутите кои и досега неа ја одбележуваа како своевиден врв во современата наша поезија, велат издавачите на книгата.
Ова е четиринаесета книга на Ѓорѓо, а деветнасет одделни избори се објавени на странски јазик. Одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е едена есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.
За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“ (Русија), „Гран-при на европската поезија“ (Романија), и двапати на охридскато највисоко признание “Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.