Вработените на Еуроникел Индустри ги освоија најважните трофеи во тимските дисциплини на 9тите работнички спортски игри организирани од Синдикатот на Индустријата, Енергетиката и Рударството СИЕР.

На годинешните работнички игри, вработените на Еуроникел Индустри учествуваа првпат по подолга пауза предизвикана, пред се од недостатокот поддршка од претходните сопственици и раководства на фабриката за никел во Кавадарци, но и од стечајната постапка. Поради овие причини е важно што тимскиот дух го манифестираа токму преку освојување две први места во екипните, тимски дисциплини, фудбал и влечење јаже.

Претседателот на Синдикалната организација на Еуроникел Индустри, Миле Ѓорѓиев истакна дека пред се учеството на синдикалните игри и освојувањето први места е потврда за општото расположение што владее меѓу вработени и нивната блиска соработка во работниот процес и надвор од него. „Посебно е важно што сето ова е поттикнато и поддржано од новиот менаџмент, кој ги мотивира вработените за повисоки цели во формалните и во рекреативните активности и се надевам дека под раководство на Еуроникел, задоволството на вработените ќе се зголемува а и учеството на вакви слични иницијативи“, додаде Ѓорѓиев.

Од раководството на Еуроникел потенцираат дека расположението и резултатите на нивните вработени на овие спортски игри се одраз на случувањата внатре во фабриката, којашто секој месец бележи нови и се поголеми производни успеси, како и успеси во другите деловни полиња од нивната дејност.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2019 16:26