Во Индексот на политики за мали и средни претпријатија на Европската унија државава бележи напредок во областа на иновациите, поедноставувањето на легислативата, поддршката на услугите и пристапот до финансии. Клучни слабости се нотирани кај небанкарското финансирање, процедурите за лиценци, постапките за стечај и претпримничкото учење и вештини.

– Во Извештајот е наведено дека во последните две години се направени големи придвижувања во креирањето политики и почнувањето со примена на политиките за поддршка на малите и средни претпријатија во нашата држава. Нотирано е и дека програмите што ги спроведуваме преку Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за иновативност и за претпримеништво на Министерството за економија даваат резултати, но секако има делови каде треба да работиме уште повеќе, како што е областа на стечајот за што се работи на ново законско решение во соработка со Светска банка, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши на на презентацијата „Индексот на политики за МСП за Западен Балкан и Турција – проценка на имплементација на актот за мали бизниси“.

Во креирањето на владините политики се водиме од фактот дека малите бизнис се главни креатори на работни места и најплодна почва за материјализирање на идеите на претпримачите, потенцираше Бектеши.

Тој посочи дека Владата ја усвои ревидираната Стратегија за индустриска политика и потребните акциски планови кои ќе обезбедат фокусирана поддршка на индустријата. Во новата Стратегија 2018-2021 се интегрирани мерките од Планот за економски раст, со цел, посочи Бектеши, да се поддржат и поттикнат инвестиците во земјата.

Според раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во нашата држава Никола Бертолини, земјата ги има прифатено десетте принципи на актот за мали бизниси и од 2007 година редовно придонесува во изготвувањето на политиките за мали и средни претпријатија. Се на се, оцени Бертолини, бизнис средината за работата на малите и средни претпријатија во земјата се уште е попречена од одредени фактори.

– Бизнис средината за работата на малите и средни претпријатија се уште е попречена од одредени фактори, како недоволен институционален капацитет на граѓанските судови за решавање на стопански спорови, нетранспарентна и честопати непредвидлива регулативна рамка и недоволно транспарентни и доследни инспекциски процедури. Тука е и товарот од парафискални наплати, значителениот неформален сектор кој создава неправична конкуренција за останатите, структурните проблеми во функционирањето на пазарот нма труд. Ова се некои од предизвиците кои постојат, а генерално потребни се дополнителни напори за справување со корупцијата, да се подобри владеење на правото и да се зајакнат институците со цел да се промовира конкурентноста, рече Бертолини.

Во државава, како што укажа Бертолини, функционираат 55.000 мали и средни компании, кои обезбедуваат околу 77 проценти од вредноста на стопанството и подеднаква понуда на вработувања. Микро компаниите се одговорни за обезбедување на една третина од вработените од бизнис секторот.

Индексот на политики за мали и средни претпријатија се пресметува во рамки на Актот за мали бизниси што го усвои Европската комисија во јуни 2008 со десет принципи кои ја сочинуваат рамката на политики за мали и средни претпријатија. Од 2014 година, со ревидирана методологија се изготвуваат извештаи кои го отсликуваат интензитетот и квалитетот на политиките со цел да се понудат препораки и да се направи меѓународна споредба. Исполнувањето на политикте од Актот за мал бизнис е предводник на поглавјето 20 за пристапување во ЕУ кое се однесува на конкурентноста и подобрувањето на бизнис климата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2019 15:04