Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на тркалезната маса на тема „Обезбедување ефективна координација на централните банки и министерствата за финансии“, што се одржа во вторникот во Кишињев, Молдавија, во рамки на програмата на годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ).
Во дискусијата на тркалезната маса, како што соопшти Народната Банка, таа се осврнала на процесот на постојано унапредување на институционалната структура и на корпоративно управување во централните банки, како основен предуслов за успешно остварување на нивните цели.
Акцентот Митреска го ставила на факторите кои во последниов период имаат ефекти врз институционалната поставеност на централните банки во регионов, но и на министерствата за финансии, како и на механизмите за меѓусебна соработка и координација меѓу двете институции.
-Првиот фактор е од генеричка природа и се однесува на промените коишто ги наметна појавата на глобалната криза од 2008 година, додека вториот фактор е поспецифичен за регионот и се однесува на процесите на интегрирање на земјите во Европската Унија, што бараат интензивна соработка и координација на институционално ниво, истакнала таа.
Вицегувернерката укажала на промените што ги предизвика глобалната криза преку проширување на функциите на централните банки, особено во доменот на макропрудентната политика, нагласувајќи притоа дека овие промени делуваат врз институционалната рамка и управувањето и на централните банки и на министерствата за финансии, но и кај другите регулатори на финансискиот систем.
Во тој контекст, во своето излагање Митреска ја презентирала тековната поставеност во нашава земја и се осврна и на насоките за идните промени, кои ќе се остварат со цел усогласување со најдобрите меѓународни практики.
На тркалезната маса се дискутирало и за ефектите што ги предизвика глобалната криза со засилување на т.н. економски надзор на Европската комисија, особено преку процедурата за макроекономски нерамнотежи. Како што било истакнато, тоа ја зголемува потребата за блиска координација и соработка меѓу централните банки и министерствата за финансии во процесот на обезбедување конзистентни и квалитетни податоци, како основа за следење на економијата во различни фази од процесот на евроинтеграција на земјите кандидатки за членство во европското семејство.
Вицегувернерката Митреска посочила на исклучително добрата соработка и институционалната поставеност во овој домен на двете институции кај нас, преку активното функционирање на заеднички работни групи во областа на статистиката, што претставува и позитивен пример на регионално ниво.