Белградскиот издавач „Архипелаг” ја објави најновата книга „Езерска” на поетот Ристо Лазаров во превод на српски јазик, која на македонски излезе пред еден месец.

Во поговорот за белградското издание, академик Катица Ќулавкова пишува дека за поетското творештво на Лазаров е карактеристично тенденцијата да ги поврзува песните во поголема целина, не само во циклуси, туку и во книги, и дека тоа е експлицитно покажано во неговата најнова збирка поезија „Езерска”, која тематски е конектирана со охридскиот географски, културен и историски простор.

– „Езерска” не е типична, егземпларна поема, ама покажува стремеж да биде поема, да прерасне во поема во читателската визија, затоа што нуди компактна книга: секоја песна си е целина за себе, ама припаѓа и на една виша целина, онаа на книгата. Оваа книга со своите 49 песни алудира на многу нешта во кои се препознава македонската реалност од 21 век, доловена низ фрагменти од охридскиот природен и градски пејзаж, ритам, говор, фолклор, вклучително и апсурд. Со други зборови, во книгата ,,Езерска” се вкрстени конкретните слики на охридската стварност со општите места од македонската културна и колективна меморија, посочува Ќулавкова во поговорот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2019 17:00