Националниот Фонд за иновации и технолошки развој заедно со Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) во Охрид денеска го презентираа Иновативниот камп за поддршка на иновативните идеи и проекти, како и отворениот конкурс за аплицирање од новоосновани „старт-ап“ и „старт-оф“ претпријатија во Југозападниот регион.
Директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски појасни дека станува збор за пилот-проект насочен кон дисперзирање на средствата за поддршка на иновациите, односно децентрализирање на делот од функциите што ги нуди Фондот како национална институција.
– Се обидуваме услугите, програмите, средствата што Владата ги доделува да ги доближиме најблиску што е можно до крајните корисници. Целна група се младите, затоа и неслучајно е избрана локацијата на Иновацискиот камп да биде ФТУ затоа што сметаме дека тука е една од критични точки каде се собираат млади луѓе и идеи, рече Деспотовски.
Тој изрази уверување дека ќе има интерес кај младите за апликации со свои идеи и проекти, за кои почетно се обезбедени средства во износ од два милиони денари.
– На последниот повик на Фодот за иновации и технолошки развој, од некаде 500 апликации околу 35 се компании од Југозападниот регион, што значи дека има интерес. Веќе 13 фирми од тој регион користат средства од Фондот за иновации и технолошки развој, така што се надевам дека ова ќе биде дополнителен поттик за сите фирми, особено за „старт ап“ компаниите што ги креираат младите луѓе, да аплицираат и да воспостават свој бизнис, рече тој.
Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Сашо Коруноски, истакна дека Иновативниот камп е развојна точка од која би стартувале процеси на развој на нови технологии.
– Иновациите и знаењето се основни двигатели на развојот на една земја. Многу држави и општества токму преку поттикнување на креативни идеи и вложувања во образованието станале носители на развој во светски рамки. Иновативноста е насекаде, таа е потребна во сите сектори, дури и во области како што е туризмот, рече Коруноски, притоа појаснувајќи дека иновацискиот камп во Охрид ќе соработува со соодветните лаборатории на универзитетите во Скопје, Корча и Тирана.
Самите кампови ќе функционираат како центри за логистика во вид на опрема и знаења, искуства, експертизи, насочени да им помогнат на младите во реализација на нивните иновативни и бизнис идеи.
Доколку постои интерес и апликации со добри бизнис идеи, Фондот ќе ги засили програмите за поддршка на „старт ап“ компаниите, со повеќе средства што би биле обезбедени преку фондови од ЕУ. Планот е во натамошниот период да се реализираат слични програми за рамномерен регионален развој, односно отворање иновациски кампови во останатите региони на земјата.