Од денеска до 9 јуни во Отешево, Преспа, се одржува 17. Регионална ПЕН-конференција на која, покрај домашни претставници и автори, присуствуваат и писатели од Бугарија, Косово, Словенија, Србија, Романија и Црна Гора.

Конференцијата почна со тркалезна маса на тема „Етиката, естетиката и политиката во книжевноста“, која утрово ја отвори книжевната критичарка Наташа Аврамовска.

Според организаторите, ќе се расправа за родовите, националните и транскултурните аспекти во книжевноста, како и за нејзината социјална ангажираност во новиот милениум.

Во работниот дел од конференцијата ќе се разменат и согледби на состојбите во доменот на слободата на изразување и авторските права во регионот.

Ќе се разговара и за засилување на книжевната соработка меѓу авторите членови на ПЕН-центрите и за претставување на нивните дела преку преведувачка и издавачко-промотивна дејност.

Конференцијата ќе опфати и две книжевни читања, во Ресен и Охрид, на кои ќе настапат домашни и странски учесници, како и автори од градовите домаќини.

Учесниците ќе посетат и дел од Преспанскиот крај (селата Љубојно и Брајчино, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и керамичката галерија во Ресен), велат од Македонскиот ПЕН-центар, кој ја организира конференцијата.

Меѓу поканетите учесници се: Анжела Димчева (Бугарија), Фахредин Шеху (Косово), Ифигенија Симоновиќ (Словенија), Тоне Першак (Словенија), Вида Огњановиќ (Србија), Мирча Дута (Романија), Лена Рут Стефановиќ (Црна Гора), како и домашните автори: Зоран Анчевски, Весна Ацевска, Димитар Башевски, Славе Ѓорго Димоски, Калина Малеска, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев, Санде Стојчевски, Катица Ќулавкова и Иван Џепароски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2019 17:04