Со врачување на високото Рацинов признание за 2019 година на проф. др. Венко Андоновски за романот „Припитомување на кучката-раскази за лудилото“ и на Почесното Рациново признание за 2019 година на проф. др. Милан Јазбец синоќа во Велес завршија годинашните 56-ти по ред Рацинови средби.
Примајќи го високото признание кое му го врачи градоначалникот Аце Коцевски претседател на организациониот одбор, Андоновски потенцира дека е пресреќен што втор пат го добива признанието. Првпат го доби на Рациновите средби во ноември 1993 година како млад писател и сега повторно по 25 години кога зад себе има голем творечки опус.
Тој пред присутните појасни што за него значи Рацин, како тој го доживува и зошто е прврзан кон Рациновото признание.
– Не само затоа што Рациновите средби се пандан на Струшките вечери на поезијата, со тоа што таму наградите се доделуваат за поезија, а овде за проза, туку затоа што фигурата на Рацин ја доживувам како исклучителна културна фигура на која можат да и позавидат многу поголеми народи, култури и цивилизации, потенцира Андоновски.
Јазбец, писател преведувач, професор и актуелен Амбасадор на Република Словенија во земјава примајќи го високото Почесно Рациново признание за 2019, истакна дека тоа му претставува посебна чест, признание и награда.
-Многу сум среќен и почестен што моето книжевно остварување, особено поезијата претставуваат мост меѓу нашите две земји, луѓе и култури. Тоа е најмногу што можеме да си дадеме едни на други, потеницира Јазбец.
Вечерта беше збогатена со концерт на Драган Даутовски трио.
Инаку вчера во рамките на 56- те Рацинови средби се одржа вторта возобновена Меѓународната научна конференција на тема „Светлина на зборот“ – јазични и книжевни аспекти во поезијата на Кочо Рацин и Матеја Матевски на која учествуваа еминентни професори по оваа област од земјава и странство.