На годинашниов 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ што синоќа свечено беше отворен во Прилеп и ќе се одржува до 15 јуни недостасуваа Разговорите на тркалезната маса на критиката, кои се враќаат на фестивалската програма по повеќе од 20 години.

Ова е заклучокот на учесниците по денешните први Разговори во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на кои критичарите и публиката ја оценуваа првата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите – „Макбет“ од Шекспир во режија на Нела Витошевиќ во продукција на Македонскиот народен театар. Претставата се одигра синоќа по свеченото отворање на фестивалот.

Ана Стојаноска, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности од Скопје, која ги води Разговорите, смета дека реакциите се многу позитивни и имале плодна дискусија.

Првиот впечаток, рече таа, е дека недостасувал разговор за театарот и за тоа што е видено на фестивалот. Му заблагодари на организаторот за можноста да се слушне мислење и од гледачите, од едуцираната публика, од критичарите, но и од самите автори на претставата.

-Ваквите тркалезни маси се извонредна можност за учесниците во претставата да видат каков повратен ефект има нивната претстава врз гледачите. Според тоа што се слушна на „Разговорите на тркалезната маса“ , видовме дека сите го препознаа режисерскиот концепт на режисерката Нела Витошевиќ, псоебно активното учество на вештерките кои беа вклучени во претставата. Слушнавме забелешка околу говорењето на стиховите, што е исклучително важно и слушливоста на некои од актерските изведби. Позитивно ја нагласивме играта на неколку актери од МНТ и го испочитувавме токму тој момент дека режисерката собрала една актерска екипа која многу моќно и, истовремено, многу интересно функционира заедно на сцената, изјави Стојаноска.

Слободан Беличански, пасиониран вљубеник во театарската уметност, ја поздрави иницијативата и акцентираше поенти од претставата. Со големо внимание ја одгледал претставата „Макбет“ која, како што рече, се играше во атмосфера во која публиката претходно емотивно се трошеше со доделување на наградите за животно дело и на концертот на Влатко Стефановски.

-Остатокот од емоциите, по паузата, беа за претставата од 2 часа и 20 минути. Токму во ова „интернетско“ време кога публиката е навикната да одгледа „набрзина“ едно фрагментарно парче, да прими набрзина еден „дајџестиран“, лесно сварлив Шекспир, но вие тоа не сакавте така да го претставите зашто Шекспир не го заслужува тоа, рече Беличански.

На крајот на Разговорите на тркалезната маса на критиката беа соопштени резултатите од гласањето на публиката. Претставата „Макбет“ на МНТ од Скопје публиката ја оцени со 3,83.

Вечер на програмата на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“ е втората претстава во конкуренцијата за награди – „Бакхи – краток преглед на распадот“ од Еврипид во режија на Игор Вук Торбица, во продукција на Народниот театар Битола. Веднаш по претставата се Разговорите на тркалезната маса на критиката.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2019 11:02