Нема повеќе европски пари за финансирање енергетски проекти базирани на фосилни горива, а особено не на јаглен, најави претседателот на Енергетската заедница (ЕЗ) Јанез Копач на неодамна завршениот Македонски енергетски форум (МЕФ) во Струга. Тој посочи дека Европската Унија во иднина ќе се фокусира на поддршката на обновливи извори на енергија (ОИЕ).

Прецизира дека таквите предвидувања се за буџетскиот период на Унијата од 2020 до 2027 година.

-ЕУ повеќе нема да финансира изградба на енергетски капацитети што се базираат на фосилни горива особено не на јаглен, но дефинитивно ќе има финансиски средства за поддршка на ОИЕ. Фотоволтаиците стануваат најевтин можен начин за производство на електрична енергија, а јагленот едноставно е прескап поради технологијата, но и дополнително зашто многу земји наметнаа цени кои треба да се платат поради стакленичките гасови што се испуштаат при производството од термопостројките на јаглен. Поради тоа еден мегават час се зголеми скоро на 25 евра само минатата година поради што производството е по неконкурентни цени. Декарбонизацијата е неопходна за да се спаси светот, рече Копач.

Енергетската транзиција, додаде, е нешто што започна со отворањето на пазарите и либерализацијата, а сега продолжува со декарбонизацијата.

-Земјите кои не ја имплементираа првата транзиција веќе доцнат за втората транзиција. Северна Македонија беше една од првите и најпрогресивните во регионот кога станува збор за отворање на пазарот, тоа го направивте пред 10 или 15 години и сега имате можност да се приклучите кон втората транзиција. Црна Гора е следната, а Албанија има среќа, бидејќи нема капацитети на јаглен, порача Копач

Според него, сите други земји во регионот на Западен Балкан ќе имаат огромни проблеми зашто не ја финализирале првата транзиција и тоа ќе има геостратешки импликации.

-Сите зборуваме за интеграција и пристапување кон ЕУ, но јагленот сега некои земји ги доближува до интеграцискиот процес, а некои ги оддалечува. Новата граница помеѓу развиениот и неразвиениот свет станува јагленот. Земјите кои прават брзи чекори во процесот на декарбонизацијата и користат нови технологии во енергетскиот сектор на долгорочен план ќе бидат тие земји кои ќе се сметаат за развиени, а земјите кои се потпираат на фосилни горива особено јаглен ќе станат неразвиени, посочи Копач.

Новиот тренд навреме препознат од властите

Владата веќе поодамна го препозна новиот тренд и најави промена на начинот на финансирање на ОИЕ и наместо фидинг, предвиде премиум тарифи за изградба на фотоволтаични електрани. Услов за нивна изградба ќе биде најнискиот премиум што ќе го понудат инвеститорите за откуп на произведената електрична енергија. За таа намена Владата одреди максимален премиум од 15 евра по мегават час, а потенцијалните инвеститори ќе треба да предлагаат свои понуди на негативната аукција на јавниот тендер за доделување на локациите за изградба на фотоволтаици. Локацијата ќе ја добие оној што ќе предложи најмал премиум.

Во првата фаза државата предвидува изградба на фотоволтаици со вкупна инсталирана моќ од 62 мегавати од кои 35 на државно земјиште, а 27 мегавати на приватно земјиште. Се очекува во наредните две до три години да бидат изградени капацитети за производство на електрична енергија од сите видови на ОИЕ со вкупна инсталирана моќ од околу 350 мегавати.

Во моментов 70 проценти од енергијата во земјава се произведуваат од јаглен и тоа во РЕК Битола, а во последно време голем дел се произведува и во когеративната електрана во Скопје. Тоа се двата главни производители покрај хидроелектраните кои се во сопственост на ЕЛЕМ.

Премиумот, модел за сериозен раст на инсталираната моќ од ОИЕ, со незначително влијание на цената на електричната енергија

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека развиените земји се лидери во областа на енергетската транзиција, односно преминувањето од производство на енергија од извори кои загадуваат, на извори кои не ја загадуваат животната средина. Според него, тие имаат високи таргети кои треба и ние да ги прифатиме.

-Како држава немаме неограничени природни ресурси на јаглен и не можеме иднината да ја темелиме на тоа. Немаме ни сопствен природен гас или нафта и затоа како потенцијален извор на енергија треба да ги сметаме ОИЕ што комплетно се совпаѓа со енергетската транзиција. Фокусирани сме да стигнеме до 200 мегавати инсталирана моќ од фотоволтаични електрани и првиот чекор го правиме со објавувањето тендерска постапка за 62 мегавати од кои 35 на државно и 25 на приватно земјиште. Сакаме во три циклуса да стигнеме до посакуваните 200 мегавати и тоа во рамките на една година, вели Анѓушев.

Но, додава, ОИЕ се поскапи од конвенционалните извори на енергија и се поставува прашањето кој тоа ќе го плати.

-Токму затоа најголемата филозофија во енергетската транзиција е како да се направи модел кој од една страна ќе ја задоволи потребата за раст на инсталираната моќ на ОИЕ, а од друга страна нема да предизвика значително влијание врз цената што ја плаќаат крајните потрошувачи. Секоја земја треба да го најде својот пат на енергетска транзиција и нема сценарија кои можат да се ископираат од една во друга држава. Мислам дека изнајдовме одличен модел кој ќе направи сериозен раст во инсталираната моќ од ОИЕ во нашата држава, а притоа незначително ќе влијае на цената на електричната енергија. Тоа е механизмот на премиуми, рече Анѓушев на МЕФ.

Направивме, потенцира, се како држава да ја олесниме инвестицијата за идните инвеститори и да не ја трошат енергијата на административните постапки.

-Се обидовме и успеавме како држава сето тоа да го решиме и ќе понудиме бесплатно веќе урбанизирано земјиште за одреден период. Државата ќе ги заврши сите постапки, а направивме и договор со операторот на дистрибутивната мрежа ЕВН однапред да се знае и колку ќе чини приклучокот на мрежата. На тој начин на секој инвеститор му обезбедивме сигурност и однапред да ги знае трошоците за инвестицијата. Така ќе биде похрабар да ја направи инвестицијата со помал премиум, односно надомест што ќе го добие од државата над цената на електричната енергија што ќе ја продаде на слободниот пазар, порача Анѓушев.

Според вицепремиерот, доколку премиумот постигне цена од 10 евра по мегават и доколку се инсталираат 200 мегавати во фотоволтаици што ќе работат 2.000 часа во текот на годината, тоа нема да биде поголем импакт од четири милиони евра врз Буџетот на државата што е значително помалку од сегашните 19 милиони евра годишно што се даваат за фидинг тарифи за инсталираните 100 мегавати во сите ОИЕ.

Земјава нема да ја исполни обврската до 2020 година 23 отсто од потрошената енергија да биде од ОИЕ

Македонија најверојатно нема да ја исполни обврската до 2020 година околу 23 отсто од вкупната потрошувачка на енергија да биде од ОИЕ. Во изминатиот период не се направи многу на тоа поле, но во одредувањето на целите до 2030 година што ќе биде на дневниот ред на Министерскиот совет на ЕУ во декември годинава тоа ќе го прескокне на тој начин што обврската за 2020 година ќе се брои како базна обврска за 2030 година. Нема де се заборави дека тоа сега нема да се достигне, туку ќе треба да се надополни застојот во годините што следат заклучно со 2030 година, порача Копач на МЕФ.

Тој смета дека воведувањето на премиум тарифите значајно ќе ги поевтини субвенциите за ОИЕ и ќе овозможи отворање на нови извори за истите пари кои се даваа досега за малата количина на ОИЕ.

-Покрај тоа треба да се напомене дека цените на фотоволтаичните панели поевтинуваат многу и очекувам за пет години инвестицијата во фотоволтаични панели да биде исплатлива без било каква субвенција и да стане нормален бизнис не само за големите претпријатија, туку и за малите претпријатија и поединци, посочи Копач.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2019 12:51