Седумдесет и седум ракописи пристигнале на Конкурсот за новата книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлено жири, во состав: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“), а добитникот на првиот „Пегаз“ ќе биде објавен најдоцна во септември годинава.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Таа е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

– Позитивно сме изненадени од големиот интерес и бројот на испратени дела од домашните автори. Се надеваме дека меѓу нив ќе има квалитетни дела, кои ќе ја збогатат нашата книжевна сцена… Имајќи предвид дека годинава се навршуваат јубилејни 20 години од литературната манифестација „Роман на годината“, и влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ го почнаа овој заеднички проект за воспоставување на наградата за најдобар необјавен роман, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр, соопштија организаторите на конкурсот.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2019 13:23