Раководството на Македонско научно друштво (МНД)-Битола, членови на управниот, надзорниот одбор и уредувачкиот совет, подарија книги на, како што ја нарекуваат, најмалата библиотека во светот, библиотеката „АЛБИ”, сместена во импозантна куќа двокатница во демирхисарското село Бабино.
За време на посетата на библиотеката, која, како што е познато, е основана во 1882 година, членовите на МНД-Битола од својот домаќин Стево Степановски беа информирани за книжниот фонд на библиотеката кој располага со ретки книги и над 20.000 наслови, но и раритетна етно соба со бројни предмети и оставштина, дел стари и повеќе од 500 години.
– Со посетата на оваа културна резиденција, подарените авторски, но и книги од издавачката дејност на научното друштво почна реализацијата на богатата програма на МНД-Битола посветена на големиот јубилеј – 60 години од денот на основањето, кои ќе бидат заокружени точно на 25 април 2020 година, информираа од МНД-Битола.