Младите пијанисти од Крива Паланка, седумгодишниот Матеј Георгиевски и петгодишната Меглена Георгиевска ја освоија специјалната, прва награда со 100 поени и ја понесоа титулата лауреати во нивната категорија на меѓународниот натпревар во пијано „Пијанофест 2019″.
Натпреварот траеше од седми до 9 јуни,се одржа во Завод и музеј на Битола, а натпреварувачите музицираа и интерпретираа на пијаното”Безендорфер” кое важи за едно од најдобрите концертни пијана во нашата република.
– Овие две дечиња се успешни во текот на целата година, со освоени бројни први награди,гран- при награди и високи признанија и медали од реномирани Меѓународни фестивали за класична музика, а овојпат успеаја во силна конкуренција да ја понесат и титулата лауреати. Дуото Георгиевски работи со љубов, двете дечиња се исклучително талентирани,но и посветени, дисциплинирани и одговорни кон музиката,а и кон задачите што јас како ментор им ги давам. Бројните часови вежбање на пијаното во кои е вложена голема желба,а пред се љубов, се огледаа и во досегашните настапи,но и во настапите на овој натпревар. Особено сум горда што освен диплома и златни медали, моите ученици освоија и парична награда, изјави менторот, професор Лариса Жулина – Митовски.
На овој Меѓународен натпревар по пијано кандидатите ги оценуваше комисија составена од врвни пијанисти и професори: Елена Дикова, Бугарија, Јана Четелева Белевска, Македонија и Надежда Породини – Јоле, Албанија.