Богата фестивалска прогама нуди и денешниот четврти ден на 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што се одржува од 7 до 15 јуни во Прилеп.
Фестивалот денеска ја нуди првата трибина и уште две претстави од кои едната е во официјалната програма. Од 11 часот во Центарот за куктура „Марко Цепенков“ е трибината насловена како и мотото на Фестивалот „Ова е наше време, време за театар“. Вечер од 19:30 часот ансамблот на Струмичкиот театар ќе ја изведе четвртата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите, „Животинска фарма“ според Џорџ Орвел во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. По претставата ќе се одржат и разговорите на тркалезната маса, а од 23 часот е претставата во придружната програма „Елените проколнувањата“, дипломски испит на студентите од ФДУ од Скопје.
Досега, од отворањето на Фестивалот во петокот па до синоќа, публиката ги проследи претставите во конкуренцијата: „Макбет“ на МНТ, „Бакхи-краток преглед на распадот“ на Битолскиот театар и „Физика на тагата“ на Кумановскиот театар. Мошне плодни беа разговорите на критиката и на публиката за одиграните претстави во кои се анализираа режисерските и актерските пристапи во присуство на чинителите на претставите.
Во придружната програма, публиката ги проследи и: „Венера во крзно“ во режија на Ивана Ангелковска, а во изведба на Театар на навигаторот Цветко – кино Култура – Скопје, а синоќа ја виде и испитната претстава на актерите од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, „Шекспиријада“.