Вокалистка и музичар Лиза Џерард, наградена со Златен глобус за музиката во филмот Гладијатор и нејзиниот последен проект на кој сорабутува со женскиот хор од Бугарија „The Mystery Of The Bulgarian Voices“, на 8 октомври годинава ќе одржат концерт во Скопје.
Концертот е во организација на Младинскиот културен центар, а ќе се одржи во Македонската филхармонија.
Женскиот хор „The Mystery Of The Bulgarian Voices“ опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос. По четири децениско постоење доаѓа нивната соработка со Џерард и излегува албумот „BooCheeMish”.
По потекло од ирски емигранти, Лиза Џерард е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн, ја спојува со Brendan Perry, со кој во 1981 го создаваат уникатниот проект Dead Can Dance, што опстојува и денес со неколку креативни прекини.
Во професионалната биографија на Лиза Џерард се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка и изведувачка. За музиката за епскиот спектакл Гладијатор, таа и композиторот Ханс Зимер беа наградени со Златен глобус.
Билетите се веќе во продажба преку продажната мрежа на МКЦ.