Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска се сретнаа со претставници на управата на „Еурокомпозит 11 Октомври“, на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), на Синдикатот на вработените во компанијата и со претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата, со кои разговараа за евентуалните решенија за надминување на проблемите, кои се таложени со години во компанијата.

На средбата, информираат од владината прес-служба, од страна на вицепремиерот Анѓушев беше предложено решение на наследените проблеми, во согласност со Закон, за кое претставниците на синдикатот на вработените во фабриката и на поранешните вработени, на кои им престанал работниот однос во компанијата, побараа дополнително време за консултација со своите колеги.

-По добивање на согласност од страна на синдикатот на вработените и здружението на лица на кои им престанал работниот однос во фабриката, ќе се премине во реализација на предложеното решение, со кое конечно ќе се надминат проблемите со кои се соочува оваа компанија речиси 15 години, соопштија од Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2019 00:41