„Охридско лето“ и Македонски телеком, генерален спонзор на фестивалот, вечер од 18.30 часот во црквата „Св. Софија’ во Охрид ќе организираат работилница на тема „Музиката денес“, на која предавач е музичарот Џијан Емин.

Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, ќе се зборува за различните перцепции на музиката, начинот на кој се создавала низ историјата и како се восприемала, како денес се создава и се доживува, колку технологијата реално ја загрозува суштинската идеја на композиторот во процесот на создавање, како да распознаваме добра од лоша музика, квантитет наспроти квалитет…

Од 20 часот ќе следува авторски концерт на квартетот на Џијан Емин, во состав: Кирил Кузманов – алт саксофон, флејта, Џијан Емин – пијано, клавијатури, глас, електроника, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2019 15:43