Стопанственици од јапонската бизнис делегација, што е во тридневна посета на државава на средба со премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим, се интересирале за бизнис условите, перспективите за раст на македонската економија како и за политиките на поддршка на инвестициите и конкурентноста на компаниите, информира денеска владината прес-служба.

– Стабилни економски индикатори и членството во НАТО се силна поткрепа дека вашите инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја, порачал Заев на средбата со државниот министер за економија, трговија и индустрија во Владата на Јапонија Јошихиро Секи, кој ја предводи јапонската бизнис делегација.

Премиерот Заев истакнал дека годинава со Јапонија навршуваме 25 години од воспоставување на дипломатските релации помеѓу двете држави и ја потенцирал одличната билатерална соработка и значењето на поддршката што Јапонија низ годините и ја пружа на нашата земја како еден од најголемите билатерални донатори во повеќе проекти од интерес за нашите граѓани. Премиерот Заев, се вели во соопштението, изрази силна поддршка на иницијативата за соработка на Јапонија со земјите од Западен Балкан.

– Економската соработка со Јапонија за нашата земја е многу важна особено што првпат имаме бизнис делегација којашто е тридневна посета на нашата земја. Ме радува фактот што нашата земја ја препознавате како стабилна бизнис дестинација и сте тука да ги истражите инвестициските можности. Нашата земја станува сериозна бизнис дестинација за многу странски инвестиции. Минататата година имавме рекордно високо ниво на странски директни инвестиции од 625 милиони евра, а оваа година во првиот квартал забележуваме раст на БДП од 4,1 процент. Нашата земја е 10 на Дуинг Бизнис ранг листа на Светската банка. Овие стабилни економски индикатори заедно со нашето членство во НАТО треба да бидат ваша силна поткрепа дека вашите инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја, рекол премиерот Заев.

Со државниот министер Секи ги потврдиле одличните можности за продлабочување на економската соработка помеѓу двете држави, посетата на јапонската бизнис делегација на државава којашто се случува првпат ја оквалификувале како значаен чекор кон исполнување на оваа цел.Заев вчера организираше прием и вечера за јапонската бизнис делегација на која присуствувале и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерка без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2019 16:16