Здружението „Вина од Македонија“, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство минатата недела одржа промоции на македонски вина во Чикаго и Њујорк, во Соединетите Американски Држави. На овие престижни настани оваа година учествуваа шест наши винарници.

Тие се организираат во рамки на платформата „Водечки вина во светот“, во која учествуваат селектирани винарници од целиот свет.

Промоциите на македонските вина во САД преку здружението „Вина од Македонија“ во континуитет се организираат во последните седум години. Според организаторите, промоциите се од особено значење за градење на препознатливност на македонските вина во САД, а со тоа обезбедување влез и поголем удел на овој пазар.

САД се најголем увозник на интернационални вина и опфаќа 18 отсто од вкупниот увоз на вина во светот, со вредност од 6.2 милјарди американски долари, со што е оценет и како еден од пазарите со најголем потенцијал за македонското вино. Според податоците за извоз, во 2018 година се извезени 220.000 шишиња наше вино на овој пазар, при што е остварен вкупен девизен прилив од 610.000 американски долари.

Од „Вина од Македонија“ се надеваат дека ваквиот вид поддршка ќе продоложи и дополнително ќе се продлабочува со цел промоцијата на македонското вино во странство да биде уште поуспешна и поагресивна, што ќе резултира со зголемување на извозот на овој наш стратешки производ.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2019 18:38