Владата преку Генералниот секретаријат ќе отвори повик за печатење дополнителни изданија на граматиката на ромски јазик и речник на македонски – ромски јазик. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница.
– Согласно Стратегијата за Роми 2014-2020 еден од постулатите на овој документ, како и една од приоритетни цели е развој и промоција на ромската култура, јазик и традиција. Печатењето на овие две публикации директно ќе придонесат кон реализација на оваа цел, соопшти владината прес-служба.
Речникот на македонски – ромски јазик од 800 страници ќе биде отпечатен во 500-тини примероци, додека граматиката на ромски јазик од 300 страници во 1000 примероци.
На предлог на Министерството за образование, Владата ја одложи имплементацијата на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование, односно програмата Кембриџ за учебната 2020-2021 година.
На денешната владина седница прифатена е и Информацијата за прогресот на активностите во реализацијата на Акцискиот план за воведување на вакцинација за заштита од пневмокок и рота вирус.
Во текот на овој месец до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани по 90 илјади дози од обете вакцини. Почнувајќи од следниот месец, родителите што сакаат нивното дете да прими некоја од вакцините, ќе имаат можност за тоа.
Според светската здравствена организација, вакцината против Streptococcus pneumoniae ги штити децата од тешки заболувања, како пневмонија, отитис и менингит. Со воведување на вакцинацијата против Rotavirus, смета СЗО, децата ќе бидат заштитени од тешка форма на дијареи, како и од компликациите предизвикани од него.