Иднината на индустријата е во паметна специјализација, дигитализација, воведување циркуларна економија и интернационализација, порача министерот за економија Крешник Бектеши на 3. Меѓународна научна конференција за бизнис и економија, насловена „Од транзиција до развој: Предизвици и перспективи“, што денеска се одржа на Универзитетот на ЈИЕ во Скопје.

Тој се осврна на влијанието на економијата базирана на знаење во процесот на креирање на политики и претстави дел од владините мерки и активности за поддршка на економијата која треба да ги следи брзите технолошки промени и да им помогне на фирмите побрзо да се прилагодат на новонастаните услови, а воедно да ја зголеми соработката меѓу владата, факултетите, бизнисот и општините за да се искористат постојните капацитети и потенцијали.

-Преку Планот за економски раст и новата ревидирана индустриска политика, фокусот го ставивме на преработувачката индустрија, стимулирање и поддршка на инвестициите, трансферот на технологии, поддршка на иновациите, вработувањето, зајакнатата соработка на науката со индустријата и интернационализацијата. Со нов сет на мерки се обидуваме да ја отвориме иднината на индустријата кон паметна специјализација, дигитализација на индустријата, воведување циркуларна економија и интернационализација базирана на нови поквалитетни и поконкурентни производи, рече Бектеши.

Според него, индустрискиот сектор претставува темел на економијата и е тесно поврзан со економски раст, инвестиции, извоз, вработувања, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации и сл. Притоа, фокусот е ставен на преработувачката индустрија, бидејќи статистиките покажуваат дека таа учествува со 12,2 отсто во БДП (2016 година), вработува 19 отсто и учествува со 10 отсто во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87 проценти се создава кај компаниите од индустријата. Речиси 40 отсто од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачка индустрија, од кои 75 проценти се концентрирани во три сектори и тоа: транспорт и опрема; основни и преработени материјали и преработка на храна.

-Затоа со посебна сериозност пристапивме кон изготвување на Стратегија за паметна специјализација, која треба да биде готова во 2020 година. Изготвувањето, а посебно имплементацијата на оваа стратегија ќе значи и зголемување на соработката меѓу јавниот сектор, бизнис секторот и научно-истражувачкиот и иновативен сектор, стимулирање на приватните инвестиции во истражување и иновации, пристап до европските структурни и инвестициски фондови, пристап до фондови за истражување, инструменти за технолошки иновации и трансфер на технологии на МСП, објасни Бектеши.

Тој посебно го поздрави добриот пример на УЈИЕ, кој со формирањето на технолошкиот парк им помага на младите иновативни претприемачи и претпријатија, поврзувајќи ги академскиот, бизнис секторот и локалните и националните власти.

Ректорот на Универзитетот на ЈИЕ, академик, проф. д-р Абдулменаф Беџети се осврна на предизвиците со кои се соочува државата во постранзицискиот период, фокусирајќи се на дискрапанците во макроекономските показатели низ годините, како и проблемот со трговскиот дефицит на земјата предизвикан од доминацијата на увозот во споредба со износот.

-Сите овие аспекти кои денеска ги дискутираме ќе бидат предмет на истражување, а заклучоците ќе бидат испратени до креаторите на економските политики во државата, бидејќи се навистина отворени за соработка, рече академик Беџети.

Деканот на Факултетот за бизнис и економија, проф. д-р Хирије Абази го објасни значењето на темата на годинашната научна конференција, која го отсликува фактот дека фундаментални промени се случија со неевропските транзициски економии, како во карактерот, така и во динамиката на нивниот развој, што може да влијае на начинот на кој земјите од Западен Балкан ќе се соочат со предизвиците пред себе, во процесот на пристапување кон ЕУ и НАТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2019 16:54