Добитничките на награди на годинашниов 54-ти МТФ „Војдан Чернодрински“, актерките Марија Спиркоска Илијески, добитник на наградата за главна женска улога за улогата на Велика во претставата на прилепскиот театар „Пиреј“ и Биљана Драгиќевиќ Пројковска, добитник на наградата за најдобра женска епизодна улога за улогата на Карлита во претставата „Странци“ на Драмски театар од Скопје се пресреќни и возбудени по соопштувањето на одлуката на фестивалското жири. Велат, возбудата и мотивот остануваат, особено ако се игра од срце, а голема заслуга имаат и ансамблите во одигрувањето на претставите.

-Многу сум задоволна и пресреќна од одлуката на фестивалското жири што ми ја додели наградата. Среќата е поголема уште повеќе што таа одлука ја поддржува публиката. Да, оваа награда е мотив, но и сѐ е мотив, кога се сака нешто искрено и се работи од срце, резултатите се неминовни. Сите во ансамблот многу ја сакаме претставата „Пиреј“, секогаш ја играме од душа, до последен здив, рече актерката Марија Спиркоска Илијески.

Задоволство од добивањето нанаградата изрази и Драгиќевиќ Пројковска.

-Пресреќна сум што добив награда од фестивалското жири, што значи дека сме направиле нешто добро. Со оваа награда сакам да ги поздравам сите во мојата екипа во претставата „Странци“. Сметам дека направивме одлична претстава која има одличен прием кај публиката што многу ни е битно, рече Драгиќевиќ Пројковска.

Вечер со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените „Силјан штркот шанца“ на МНТ ќе биде затворен МТФ „Војдан Чернодрински. Воедно вечер ќе биде доделена, за првпат, и наградата од публиката која гласаше за претставите.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2019 16:55