Три потпретседатели на групацијата на Светска банка ќе присуствуваат на Конституенцата на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што ќе се одржи од 21 – 22 јуни во Скопје. Станува збор за потпретседателот на Светска банка за Европа и Централа Азија Сирил Милер, потпретседателот за човечки развој на Светска банка Анет Дискон и потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) Георгина Бејкер.

-Инаку, не е вообичаено толку многу високи претставници на Светска банка да присуствуваат на Конституенца. Тоа е потврда за прогресот на реформите во јавните финансии, како и на добрата соработка на Владата со Светска банка, наведуваат од Министерството за финансии.

Освен тројцата потпретседатели на Светска банка, во соопштението стои дека, ќе присуствува и директорот на ММФ за Европа Пол Томпсен. На состанокот на Холандско-белгиската конституенца на Групацијата на Светската банка и ММФ ќе присуствуваат и министри за финансии и гувернери на централни банки од земјите од Конституенцата од Холандија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.

Организатори на Конституенцата се Министерството за финансии и Народната банка. Средбите претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки разменуваат мислења за политиките и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2019 11:59