„Човек без својства – политики на маргините“ е темата на првиот дел од годинашниот КРИК – Фестивал за критичка култура што почнува денеска и ќе трае до 22 јуни.

Четвртото издание на КРИК ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината, информира организаторот Контрапункт – асоцијација за разво на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики.

-Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното, велат програмските уредници, Искра Гешоска и Артан Садику.

Фестивалот официјално ќе биде отворен утре вечер во 19:30 часот, во Националната галерија Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада, кој ќе одржи и семинар „Естетичко образование наназад: Ќорскаци на сегашноста“.

Оваа вечер, пак, од 19:30 часот, во кафе – кино Котур, како бонус содржина, во рамки на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек.

„Човек без својства – политики на маргините“, пак, ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста, велат од Контрапункт.

Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.

КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија). Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020, Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2019 16:35