Тетовскиот театар вечер од 20 часот во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ ќе ја има својата прва премиера во 2019 година – политичката драма „Изгубено писмо“ од романскиот драмски писател и поет Јон Лука Караџале, во режија на Куштрим Бектеши, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Караџале (1852-1912) ја напишал во 1884 година драмата во која сопругата на претседател на партиски огранок флертува со градоначалникот, а ќе изгуби едно љубовно писмо. Откако ќе падне во рацете на неколкумина локални политичари, тие го користат за разни манипулации и шпекулации со цел да имаат некаква придобивка и со тоа ја зголемуваат ја политичката тензија во пресрет на изборот за градоначалник.

-Иако станува збор за дејствие пред 100-ина години, некои општествени сцени и проблеми публиката ќе може да препознае дека ни се случуваат и сега, изјави Бурхан Амити, еден од 20-члената актерска екипа.

Асистент на режисерот е Калтрина Тефику, сценограф е Бетим Зеќири, а костимограф Самка Фери. Претставата е работена повеќе од два месеца со сценографија која ја доловува атмосферата од минатиот век. Тетовскиот театар ќе работи на уште една премиера наесен.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2019 17:23