Наградата Гран при на „ИКС ДЕНС“ 2019. ја доби Маргарита Гладишева (класичен балет, соло), 16-годишна ученичка во Школата за класичен танц под раководство на Генадиј и Лариса Ледјах, во Москва, Русија.

Во Македонскиот Народен Театар во Скопје на 17-ти и 18-ти јуни се одржа меѓународниот натпревар во кореографија „ИКС ДЕНС“ во повеќе танцови дисциплини и возрасни категории.

Меѓу лауреатите од прв степен беа:

во класичен балет – соло, Драгана Илиевска и Мартина Димовска (Македонија), Ана Козина (Русија), потоа Бојана Арсовска и Ендрју Кук, па де де (Македонија и Англија), ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, Скопје, класа на Дафина Данилоска-Кочоска (ансамбл), а лауреати од втор степен беа ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, класа на Маја Митровска Богојевска (ансамбл).

Лауреати од прв степен во современ танц: соло, Алисија Гоч (Украина), за ансамбл, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, класа на Елизабет Колевска и Денс Студио Мак, а во спортски танц Михаиљ Кравченко и Еден Вољфин (Израел).

Меѓународното жири беше составено од еминентни имиња од светот на балетот: Тања Вујисиќ Тодоровска (Македонија), Марина О`Нил Спенсер (Италија), Константин Карин (Финска), Елена Антонова – Петровиќ (Македонија), а од особено значење беше присуството на Борис Акимов (Русија), врвно име на рускиот балет и театарот Бољшој, како претседател на жирито.

Покрај наградата Гран при, Маргарита Гладишева доби и парична награда од 1000 долари, специјално изработена статуетка и оригинални охридски бисери од семејството Филеви.

Вчера се одржа Гала концерт на кој настапија наградените учесници на „Икс Денс“ 2019., по што следеше доделувањето на наградите.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2019 18:07