Издавачката куќа „Паблишер“ промовираше пред нашата читателска публика нова едиција насловена „Калеидоскоп“, која се состои од преводи на десет романи од автори кои досега не биле претставени во земјава, а кои се популарни кај публиката и критиката низ Европа и пошироко.
„Калеидоскоп“ нуди избор од десет современи дела од реномирани и наградувани автори, насочени претежно кон младата читателска публика: „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман, „Воздух“ од Миријам Дубини, „Како во филм“ од Винко Модерндорфер, „Сошиено срце“ од Карол Мартинез, „Дарла – 172 часа на Месечината“ од Јухан Харстад и три романи добитници на Европската наградата за литература: „Некогаш сигурно сум одела по мека трева“ од Каролина Шути, „Езеро“ од Бјанка Белова и „Срце на ветрот“ од Донал Рајан.
– Целта на проектот е да се зголемат изборот и циркулацијата на квалитетна литература за читатели од различни возрасни групи преку претставување на некои од најдобрите наслови објавени во Европа во последниве години, со посебен акцент на литературата за деца и млади. Меѓу книгите во оваа едицијата голем дел доаѓаат од книжевно „егзотични“ земји од Европа – Норвешка, Исланд, Данска, Ирска, но раскажуваат приказни чии пораки носат универзални вредности и допираат до секој читател. Со ваквиот избор, проектот во целост ќе придонесе за развивање на порафиниран книжевен вкус, ќе го поттикне интересот на младата публика и ќе создаде нови лојални читатели, соопшти издавачот за проектот „Калеидоскоп“ кој е поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.