До 23 јуни е отворен новиот повик на Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ за учество на млади во камп за документарен филм „Докуникулци 2019“. По претходните две генерации, оваа година повикот е проширен за млади креативци од Македонија, Албанија и од Србија.

„МакеДокс“ го објавува повикот во соработка со Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград. Наменет е за млади од 15 до 18 години кои би сакале да бидат дел од годинашниот камп за креативен документарен филм „Докуникулци 2019“.

Филмскиот камп „Докуникулци“ ќе биде дел од Патувачкото кино на „МакеДокс“ од 5 до 12 јули. За време на активностите во кампот, учесниците ќе добијат увид во знаењата и вештините од областа на документаристиката пренесени од членовите на креативниот тим на „МакеДокс“, професори од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ и пријатели на „МакеДокс“ од други земји кои се докажани доку-професионалци.

– Бараме млади луѓе, доволно храбри да се изразат креативно и слободно, спремни да се впуштат во незаборавна авантура. За време на кампот ќе ги развиваме вашите идеи за документарни филмови. Доколку ни се поклопат ѕвездите, три од вкупниот број на идеи ќе бидат реализирани во текот на следната година.

Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, соопшти „МакеДокс“.

Кандидатите што ќе се пријават треба да снимат најмногу петминутно видео од себе и да одговорат на неколку прашања користејќи англиски јазик. За прашања во врска со учеството во кампот треба да се обратат на dokunikulci@makedox.mk. Повикот е отворен до 23 јуни, а резултатите ќе бидат објавени до 25 јуни 2019.

Патувачкото кино е составен дел од „МакеДокс“ и гостува во руралните средини во Македонија. Годинава киното ќе патува низ селата во Македонија и Албанија околу Охридското Езеро.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2019 19:29