Првиот дел од четвртиот КРИК – Фестивал за критичка култура ќе биде отворен вечер во 19.30 часот во галеријата Чифте амам, со предавање на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот „Конкордија“ во Монтреал, Канада.
Тој ќе одржи и семинар „Естетичко образование наназад: Ќорсокаци на сегашноста“, соопшти организаторот на КРИК – Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи културни практики.
Фестивалот годинава е на тема „Човек без својства – политики на маргините“ и ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата за да може да се создадат новите текстови на културата и уметноста.
– Оваа година КРИК – фестивал за критичка култура ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ аголот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме низ овој прв дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.
Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија…