Заменик-министерот за култура на Република Македонија, Владимир Лазовски денеска и утре учествува на 17. сесија на бордот на министри за култура на земјите-членки на меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ во Љубљана, Република Словенија.
Како што соопштија од Министерството за култура, Свечената седница на бордот на организацијата, чија цел е соработка и зближување на културата на словенските народи, годинава се одвива под покровителство на претседателот на Владата на Република Словенија, Марјан Шарец и поминала во знак на одбележувањето на 15- годишнината од основањето на оваа меѓународна фондација.
-Во рамки на Форумот заменик-министерот Лазовски оствари и повеќе билатерални средби меѓу кои и со министерот за култура на Р Словенија, Зоран Позниќ и со директорката на Форумот на словенски култури, Андреа Рихтер. На средбата со словенечкиот министер Позниќ уште еднаш е потврдена силната поддршка која Република Словенија и ја дава на Република Северна Македонија во процесот на евроатланските интеграции, а беше иницирано и отворање на Културно информативни центри во Љубљана и во Скопје. Двете страни изразија конкретни заложби за започнување на реализација на оваа идеја, се наведува во соопштението на Министерството.
Меѓународната фондација „Форум на словенски култури“е основана во 2004 година на иницијатива на Република Словенија, со цел зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка афирмација на нивната култура во светот. Македонија како една од земјите-основачи на Форумот на словенските култури, низ годините континуирано и активно учествува во спроведувањето на повеќе проекти, меѓу кои „100 словенски романи“, традиционалното одбележување на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во седиштето на УНЕСКО, реализацијата на многубројни семинари од областа на музејската дејност…