Драмски театар-Скопје ги почна подготовките за нова премиера – NSFW (Not Safe for Work / Несоодветно за на работа) од современата британска драмска авторка Луси Кирквуд, која ќе ја постави актерот, режисер и професор Доналд Ворен Мофет.

NSFW актуелизира родова тема преку критички став за објективизацијата на женското тело и борбата за надмоќ. Премиерата на претставата е планирана за крајот на јули.

Мофет е еден од основачите на „Remains Theatre Ensemble“ во Чикаго, каде учествува како актер, режисер и/или продуцент во над 40 претстави. Вниманието на јавноста првпат го привлекува настапувајќи во драмата на Лери Кремер „The Normal Heart“ во њујоркшкиот Public Theatre. Подоцна се појавува на Бродвеј во „The Boys of Winter“ и „The Real Thing“, како и продукцијата на „The End of Day“ од Џон Робин Бејтс.

Меѓу неговите позначајни актерски остварувања е настапот со Кевин Спејси во одличната продукција на „The Philadelphia Story“ во лондонскиот театар „Old Vic“ во 2005 година.

По преселбата во Холивуд, кариерата на Мофет е поделена меѓу филмот и телевизијата, а во последните години работи како режисер и професор. Режисер е на дел од серијалите „Happily Divorced“; „Switched at Birth“ и продукцијата за деца „Austin and Ally“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/06/2019 17:09