Здружението на Срби и Македонци Културно-уметничко друштво „Бранко Чајка“ од Тетово денеска е домаќин на втората манифестација „Фолклорни игри под Шара“. Манифестацијата ќе се одржи во големата сала на Центарот за култура „Иљо Антевски-Смок“ во Тетово со почеток во 20:00 часот.
-Манифестацијата има мултиетнички карактер. На неа учествуваат културно-уметнички друштва кои го негуваат македонскиот, албанскиот, турскиот и српскиот фолклор и тоа културно-уметничките друштва од Тетово, Јегуновце и Скопје. Учесници на манифестацијата се: Здружение на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ Тетово (македонски и српски сплет), КУД „Џеладин Зеќири“ Тетово, КУД „Извор“ Јегуновце, КУД „Јени Хајат“ Тетово и Ансамбл за народни песни и игри (АНПИ)„Јонче Христовски“ Скопје, изјави Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Оваа манифестација е поддржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес во културата за 2019 година од областа фолклор, музичка и музичко-сценска дејност.
Здружението на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово е формирано 1992 година, со мисија да гради мостови на пријателство меѓу двете соседни држави – Србија и Македонија. На својот репертоар фолклорната секција подеднакво го негува и српскиот и македонскиот фоклор.Секцијата брои успешни настапи во градот, регионот, Македонија, Србија, Унгарија, Турција.