Преку спроведување на економски реформи и вложување во човечкиот капитал – здравството, образованието и социјалната грижа, може да се намали нееднаквоста и да се постигне поправеден систем за сите. Ова беше истакнато на централниот дел на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца, кој се одржува во Скопје, а на кој воведни обраќања имаа премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Премиерот Заев истакна дека Република Македонија преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење на едно праведно општество со еднакви можности и силна економија којашто ќе отвора шанси за сите.

- Преку буџетските механизми на редистрибуција на буџетот, финансиските средства прибавени од праведниот данок денеска се користат за исплата на повисока социјална помош за 300%. Го проширивме правото на користење на образовниот и детскиот додаток од сегашните 3.000 на над 70.000 деца. Тоа е фер и еднаков пристап на државата кон сите свои граѓани. Само преку инвестиции и силно вложување во човечкиот капитал, а посебно во децата и младите луѓе нашата економија и држава имаат одржливи и долгорочни перпсективи за развој – рече премиерот Заев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека изминатиот период со реформи во системот на јавни финансии и воспоствена фискална дисциплина се создал фискален простор за да се зголемат инвестициите во човечки капитал.

-Слабите инвестиции во човечкиот капитал порано, резултираа со низок индекс на истиот, односно ниска потенцијална продуктивност на граѓаните поради помали инвестиции во образование, здравство и социјална грижа. Затоа наша определба, за разлика од порано, е да се вложи повеќе внимание и финансии за инвестирање во човечкиот потенцијал. Покрај социјалната реформа, издввоивме повеќе средства и за активните мерки за вработување, за изградба на нови градинки, за што имаме поддршка и од ЕУ и Светска банка. Понатаму, постојано ги зголемуваме средствата за здравство и образование, вклучително и покачување на платите на лекарите и наставниците. Ова се најважните алки во синџирот, а слабите алки креираат слаби ученици и лошо здравство-рече Тевдовски.

Гувернерката на Народната банка Ангеловска-Бежоска, меѓу дргото рече дека зголемувањето на доходовната нееднаквост, почнувајќи од 1980 година е глобален феномен речиси секаде, иако со различен интензитет во различни земји. Притоа, таа истакна дека во нашиот регион, учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход е околу 29%, што е помалку во однос на Западна Европа.

-Особено е важно сите ние, како носители на економски политики, да го насочиме нашето внимание кон осмислување и спроведување реформи за посилен и поинклузивен економски раст, што, пак, би довело до поеднаква распределба на доходот во светски рамки. – истакна Ангеловска-Бежоска.

Таа изрази надеж дека во блиската иднина ќе бидеме сведоци на намалување на јазот во приходите и на намалување на нееднаквоста во општествата во земјите од Конституенцата, што ќе придонесе тие да бидат попрoсперитетни и поправедни. Но, и укажа дека за да се случи тоа, неопходна е решителност, посветеност и визија од носителите на политиките.

Реформските процеси во Република Македонија добија пофалби и од високите претставници на Светска банка и ММФ кои се обратија на Состанокот.

Сите земји членки на Конституенцата ќе имаат поголем економски раст од регионалниот просек, а најголем напредок во реформите имаат Македонија и Босна и Херцеговина, рече Сирил Милер потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија.

- Владата има навистина амбициозна реформска агенда и навистина може да се забележат резултати, како на политчки план, бидејќи изгледите на земјата за влез во ЕУ и НАТО се подобрени, но и на економско ниво, бизнисот, деловното окружување, образованието. Сметам дека преминот од рамен данок кон прогресивен данок е позитивен чекор кон обезбедување еднаквост и ММФ на повеќе навратии тоа го препорачувал и пропагира и сметам дека секако е добар начин да се стигне до поголема еднаквост за која што зборрувавме - рече Антони де Ланој, извршен директор на ММФ за Конституенцата

-Преспанскиот договор немаше само политичко, туку и економско значење бидејќи создаде доверба и можности за реформи, а Владата навистина вложуваше и во човечкиот капитал и во приватните компании, но и во одржливоста. Само што ги слушнавме последните бројки на Светска банка кои покажаа позитивно економско сценарио и покрај глобалното забавување. Светска банка неодамна склучи повеќегодишна програма со Северна Македонија за да ги поддржи инвестициите во човечки капитал. Оваа програма ќе креира можности за пприватниот сектор, за младите, за жените, но и за клучни прашања како загадувањето – рече Кун Дејвидсе извршен директор на Конституенцата за Светска банка.

Преку седумдесет министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централни банки, високи претставници на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд присуствуваат на централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца, кој се одржува во Скопје. Темата на која ќе се дискутира е „Како до поправеден систем за сите?“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2019 13:57